Ромите ја сочинуваат најголемата и најсиромашната етничка група во Европа, со тоа што три четвртини од проценетите 10 до 12 милиони Роми живеат во сиромаштија, и помалку од едно лице на секои три е вработено. Ромите се исто така многу помлади од општото население, со тоа што 30 проценти се на возраст помала од 15 години – што може да претставува голем благодет, со оглед на најновите демографски трендови. Меѓутоа можностите на ромското дете за добар живот почнуваат да се намалуваат многу рано.
Една неодамнешна регионална студија, која се фокусира на Ромите и останатото население во блиските заедници од пет источноевропски земји, утврди дека од 28 до 45 проценти од ромските деца посетуваат предучилишни установи во четири од петте земји кои беа предмет на проучување. Сепак, стапката на посетување на предучилишни установи кај ромите скокна на 76 проценти во Унгарија, каде што се спроведуваат насочени политики; а ова е приближно до просечната вредност на стапките на посетеност на предучилишни установи кај децата кои не се Роми во сите пет земји. Унгарското искуство ветува, бидејќи истражувањата покажуваат дека предучилишното образование има големо влијание врз завршувањето на средно образование, како и во однос на немањето потреба за добивање на социјална помош.
Новиот извештај на Светска банка, Вклучувањето е значајно: Фондацијата за споделен просперитет , воспоставува рамка на стратешки политики за осмислување на интервенции за стеснување на јазовите со кои се соочуваат обесправените социјални групи. Предложените стратегии – собрани од ветувачките искуства во однос на унапредувањето на социјалното вклучување – предвидуваат комплементарно насочено делување во насока на зајакнување на способностите, можностите и достоинството. Сеопфатната рамка нуди еден изводлив дневен ред во кој многу добро се опфатени многуте ограничувања со кои се соочуваат групите како што се Ромите и нивните деца.
Изминатиов мај и јуни, беа спроведени фокус групи во осум земји од источна Европа на теми за родови аспекти, економска подвижност и работни места. Еден теренски тим посети една ромска населба во Скопје, главниот град на Република Македонија. Запрашани како нивната заедница опстојувала во текот на изминатата деценија, фокус групата од Скопје укажа дека тие се заглавени, односно дека „е сѐ полошо“. „Никому не му е гајле .... [не] за загадувањето, канализацијата, невработеноста,“ вели една Ромка.
Групата ромски мажи процени дека сиромаштијата во нивната заедница изнесува 70 проценти, и искажа фрустрација за тоа дека половина од маалото нема електрична енергија, а „во 21-ви век некој да биде без струја е невидено.“ Исклучителната материјална сиромаштија, дискриминација и непочитувањето на човечкото достоинство се чини дека одат рака под рака. „Нашите Роми се малтретирани. Каде и да побарате помош ве третираат како животно„ кажа една Ромка. „Нашите луѓе живеат толку мизерно. Не прашуваат само за време на избори, инаку се однесуваат како да не постоиме.“
Сепак, најголема загриженост за нив претставува нивната борба со огромната безработица. „Деведесет проценти од нашите луѓе не работат. Тие не гледаат во лице и ние немаме никакви права; има голема дискриминација...“ изјавија одредени членови на машката група.
На полето на образование произлегоа одредени надежни вести од младите жени и мажи опфатени со студијата.
„Има можности за образование, особено со новиот закон за образование, со кој средното образование стана задолжително,“ искажа една млада Ромка. Останатите членови на нејзината фокус група се согласија: „Не се чувствуваме толку дискриминирани како порано, а има и посебни придобивки за нас, како што се бесплатни книги. Образованието ви дава статус во општеството.“
Во Република Македонија, образовните политики и насочените мерки, како што се предучилишните програми и материјалната поддршка за ромски ученици во средните училишта, се чини дека драстично ги менуваат условите на полињата на способности, можности и достоинство. Иако за целосно спроведување на политиките најверојатно ќе биде потребно време и посветеност, сепак тие веќе придонесуваат кон поголеми аспирации и им даваат на луѓето вистински ресурси за надградување.
За повеќе информации за работата на Светска банка во однос на Ромите, ве молиме да ја посетите интернет страницата: www.worldbank.org/roma
Join the Conversation